Следи делумен опис на процесот за чистење на плочи кој јас го практикувам.
Средства за чистење. Вклучува шишенце со раствор (средство со ензими), шишенце со дејонизирана вода, четка со природни влакна (за понежни винили), четка со вештачки влакна (за навистина валкани винили).
Машина за чистење. Релативно едноставен склоп, мотор со директен погон и двонасочна ротација, вакуум црево со две нивоа на моќ на вшмукување, Pro-Ject VC-S MK2.
Чекор #1 - Инспекција. Плочата е поставена на машината, прицврстена со стегата, и испитана за поголеми оштетувања / валканици.
Чекор #2 - Нанесување на ензимско средство. Средството се разредува во концентрација 1:10 или 1:20 зависно од чистината на плочата. Користам Pro-Ject Wash-It. Разредувањето се прави со дејонизирана вода. Се нанесува со една од четките додека ротира плочата, и се користат кружни потези со цел агитација на средството во браздите. Стои околу 1.5 минута во оваа форма.
Чекор #3 - Вшмукување на ензимското средство. Со помош на вакуум цревото, се вшмукува средството кое останува на плочата во тек на 1-3 полни ротации. Ако има потреба, додавам 2 контра ротации со цел собирање на целото средство.
Чекор #4 - Испирање. Со помош на дејонизирана вода, нанесувам грубо 5мл на површината на плочата со цел испирање на средството и намалување на статичкиот електрицитет. Со помош на вакуум цревото, се вшмукува водата која останува на плочата во тек на 1 ротација. Не практикувам многу ротации затоа што допирот на вакуум цревото преку филцот кој е нанесен на него, предизвикува статички набој кај некои формулации на винил.
Чекор #5 - Отстранување на статички набој. Ова е изборен чекор, и го практикувам само доколку плочата има изразит статички набој. Со помош на анти-статички уред (Milty ZeroStat 3) го отстранувам статичкиот набој.
По завршувањето на овие чекор, плочата оди во нов внатрешен омот и назад во надворешниот омот.
Се надевам не сморив. Ако нешто е нејасно, кажувајте.